Соларни централи – спас за бизнисот од високите трошоци што надоаѓаат
Се повеќе големи индустриски капацитети во Македонија се ориентираат кон изградба на фотонапонски централи со соларни панели на сопствените површини, а тоа се чини дека е вистински и правовремен одговор на енергетската криза која што е во најава. Се повеќе правни лица регистрираат субјекти со наставка „Солар“, „Енерги“, „Енерџи“, „Електрик“, а експертите велат дека големите производители поголемиот дел од производството го задржуваат за себе, но и останува за продажба помал дел од електричаната енергија обезбедена преку обновливи извори.
Последно што енергетскиот регулатор соопшти е дека и доделил лиценца на локалната прехранбена компанија Витаминка АД Прилеп за инсталирање на две фотоволтаични централи со комбинирана моќност од 609,68 киловати. Лиценцата, која важи 35 години, ќе и овозможи на Витаминка да произведува електрична енергија за продажба на отворен пазар,.Претходно и ланецот маркети Кит-Го регистрираше дејност за производство ан електрична енергија преку соларни панели, а АД ОКТА веќе одамна се реши да инвестира во фотоволтаичните системи.
– Точно е дека има интерес и тоа за производство на електрична енергија со користење на сончевата енергија , односно за изградба на фотонапонски електроцентрали. Станува збор за поголеми потрошувачи кои што имаат објекти на чија кровна конструкција можат да бидат поставени панели, односно фотонапонски централи и со самото тоа дел од своите потреби од електрична енергија да ги обезбедат од сопствено производство од обновливи извори, велат од Регулаторна комисија за енергетика за „Фактор“.
Од почетокот на 2021 година до сега, Регулаторната комисија за енергетика има издадено 37 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали. Во 2020 година биле вкупно издадени 32 лиценци, додека во 2019 година издадени се вкупно 25 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали.
Овие вкупно 94 фотонапонски електроцентрали изградени во последните три години немаат повластена тарифа. Од 2018 година повеќе фотонапонските електроцентрали не добиваат повластена тарифа.
Со лиценца за производство на електрична енергија од фотонапонски централи може да се стекне кое било трговско друштво, трговец поединец или јавно претпријатие регистрирано во Македонија, или странско лице кое основало трговско друштво или подружница на трговско друштво регистрирано во земјата кое е регистрирано за вршење на соодветната енергетската дејност, или да има регистрирано општа клаузула за бизнис.
А.К.
Превземено од faktor.mk